СИЛЈАНОВСКА: Ем пратеници, ем министри!


Гордана СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА

Поделбата на власта на законодавна , извршна и судска е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија (член 8, став (1), алинеа 4). Нејзиното вградување во Уставот од 1991 означи напуштање на системот на единство на власта (собранискиот систем) и уставно-правен чекор кон парламентарна демократија!
Секоја моќ /власт, носи опасност од расипување/корупција, а апсолутната власт – апсолутно корумпира, ќе предупреди лордот Актон. Дисперзијата на моќта/власта и системот на спреги и кочници меѓу различните власти цели кон меѓусебна контрола и оневозможување една од нив да се издигне над другите.
Втемелувачот на тројната поделба на власта, Шарл Монтеские се соочи со француската тиранија/деспотија, како лош, расипан модел на владеење (Аристотел) и демократски лек препозна во тројната распределба на власта на законодавна, извршна и судска.

Татковците/основачи на американскиот Устав, инспирирани од неговото дело „ Духот на законите“, се определија за строга поделба на власта, елаборирајќи ги причините во „Федералист“.
Во македонскиот уставно-правен поредок, поделбата на власта конкретно се институционализира во делот III на Уставот, насловен како „Организација на власта“. Во член 61, став (1) на Уставот, Собранието е дефинирано како претставнички орган на граѓаните и носител на ЗАКОНОДАВНАТА ВЛАСТ.

Во членот 63, став (5) пак, се вели : „ со закон се утврдува неспојливоста и неизберливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење други функции и професии“.

Кој е тој закон? Изборниот законик, се разбира. Што пропишува тој? Во член 8, став (1) на истиот е утврдена неспојливоста на функцијата пратеник со функцијата Претседател на Влада и министерската функција, а ставот (3) пропишува дека со ДЕНОТ НА ВЕРИФИКАЦИЈАТА НА ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ, НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА И НА МИНИСТРИТЕ ИМ ПРЕСТАНУВА МИНИСТЕРСКАТА ФУНКЦИЈА!

Во член 88 од Уставот, Владата е дефинирана како носител на ИЗВРШНАТА ВЛАСТ, а според членот 89, став (2) : „ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА И МИНИСТРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА БИДАТ ПРАТЕНИЦИ во Собранието.

Во член 92 став (1) од Уставот е утврдено дека: „ ВЛАДАТА И СЕКОЈ НЕЈЗИН ЧЛЕН , ЗА СВОЈАТА РАБОТА ОДГОВАРААТ ПРЕД СОБРАНИЕТО!

ДА ПОТСЕТАМ, на 4 август им беше верифициран мандатот на избраните пратеници, меѓу кои и на: претседателот на Владата Оливер Спасовски и министрите: Никола Димитров, Мила Царовска, Дамјан Манчевски, Радмила Шеќеринска, Арбен Адеми, Насер Нуредини, Хусни Исмаили, а можеби и на некој(а) друг(а), кои персонифицираат пратеничко- министерската СИМБИОЗА!

Како професор, пратеничка и граѓанка ПРАШУВАМ: ДАЛИ ПРАТЕНИЦИТЕ: ОЛИВЕР, НИКОЛА, МИЛА, ДАМЈАН, РАДМИЛА, АРБЕН, НАСЕР , ХУСНИ.. ГИ КОНТРОЛИРААТ МИНИСТРИТЕ СПАСОВСКИ, ЦАРОВСКА, МАНЧЕВСКИ, ШЕЌЕРИНСКА, АДЕМИ, НУРЕДИНИ, ИСМАИЛИ?

Се сеќавате ли на ДРАМАТИЧНИТЕ ПОВИЦИ за ИТНО СВИКУВАЊЕ на распуштеното собрание за време на Ковид 19 заради НЕОПХОДНАТА КОНТРОЛА НАД РАЗГОРОПАДЕНАТА УРЕДБОТВОРНА ВЛАДА? ДУРИ И МАНУ СЕ ОГЛАСИ СО СТУДИЈА ЗА ОВАА ЦЕЛ, ПА И АНОНИМЕН ТЕКСТ ОСАМНА ВО ПЕЧАТОТ, КАКО ДЕМОКРАТСКИ КРИК!

Јас пак, не очекував дека ОНИЕ, кои три години гласаа како што ќе им наредеше Владата, работејќи од дома, „ќе се ослободат“ и „ќе се одважат“ да ги критикуваат одлуките на претседателот за вонредна состојба и дузината владини уредби. Попрво верува(в)м дека ќе продолжеа со рачната легитимирачка гимнастика, од здравствени причини, а можеби и ќе партиципираа и во некои нови, „оригинални“ институционални решенија. Згора, ако можеше да се состанат, зошто би ги потврдувале претседателските одлуки за вонредна состојба, кога самите имаат првенствена надлежност за тоа?

ЗАВРШИЈА ИЗБОРИТЕ. А, потем? МОЛК. ДОЛГО, ТОПЛО ЛЕТО. Исчезнаа повиците за БРЗО свикување на конститутивната седница, туку се чекаше последниот ден.
А контролата на Владата?
Нема потреба, од Владата си заминаа „ЛОШИТЕ вмроовци, а останаа ДОБРИТЕ, оние со европски демократски капацитет.

Им требаше и кус одмор од неизвесните избори, оти се преморија од изборни нерегуларности. Зарем нив да ги подведеме под парламентарна контрола? Тие се под контрола на РЕНОМИРАНИ домашните набљудувачи, кои , ЦИВИЛизирано ги прогласија изборите за „фер и демократски“. Впрочем, власта најдобро се контролира одвнатре, кога сте со неа, а мора некој и од БЕЗОБРАЗНОТО ПЦУЕЊЕ да ја заштити!

Поминаа неколку дена од верификацијата на пратеничките мандати и откако МИНИСТРИТЕ станаа „ГОРДИ ПРАТЕНИЦИ“, си се вратија на редовните министерски функции, по ХОКУС-ПОКУС (не)уставната магија!

Заборавија дека претседавачот на конститутивната седница , Талат Џафери , пред да ја прекине конститутивната седница УКАЖА на член 8 од Изборниот законик.

Владата си функционира, министрите- пратеници си ги вршат министерските функции.
Веројатно ќе НАВРАТАТ во Собранието кога ќе ги бираат, односно кога ќе се СЕБЕИЗБИРААТ на некоја собраниска функција или за МИНИСТРИ.

ЧУДО СВЕТЛЕЧКО сме, ЗВЕЗДА СЕВЕРНОМАКЕДОНСКА ни е држвата, ЦРВЕНКАПА!

Поделбата на власта стана УСТАВНА БАСНА.

Во член 93 став ( 5) на Уставот пишува: „ Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка, или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада. Ама, вакво нешто нема кај нас. Има супер политичари: ЕМ МИНИСТРИ, ем ПРАТЕНИЦИ!

ЗБУНЕТА СУМ. Јагнињата стивнаа. НИКОЈ ни да „ бекне ни да скочи“(Бранко Коцкица)!


 

Повеќе