НЕОФИЦИЈАЛНО: Се одлага почетокот на учебната година, нема да почне на 1 септември, ќе се чека формирање на Влада и функционално Собрание


Учениците нама да почнат со настава на 1 септември, а стартот на учебната година ќе биде пролонгиран поради неопходноста од правење на законски измени за наставниот процес.

Според информации на ТВ Сител, на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести каде присуствувале и министрите Адеми и Филипче, било укажано дека за да има скратени часови со физичко присуство на децата во училиштата, мора да има Собрание и Влада за да бидат направени измени во законите.

Тоа значи дека стартот на учебната година ќе зависи од преговорите и формирањето на новата Влада. Инаку, на утринскиот состанок, двајцата министри биле со спротиставени ставови – Адеми е за физичко присуство во училиштата, додека пак Филипче за он лајн настава, освен за првачињата.

Дискутирале и за комбиниран модел со кој до петто одделение ќе одат на настава, а од шесто до деветто одделение да учат од дома, но како што велат од Комисијата, ризикот е голем бидејќи никој не знае што не чека од есен.

Се додека не се формира Владата, нема да стартува ниту новата учебна година, велат од Комисијата за заразни болести за порталот Фактор.

На денешниот состанок на кој присуствувал и министерот Адеми, генералниот став на МОН е училиштата да ги отворат вратите за учениците, односно образовниот процес да се одвива со физичко присуство, но гласните препораки од претставниците на ресорното министерство, како и од Комисијата за зарасни болести се однесуваат на намалување на времетреањето на училишните часови, а за да биде така, треба да се направат законски измени.

-Се додека не се формира Влада и функционално Собрание не може да стартува учебната година со одредените измени кои ги препорачуваме и ние, како Комисија за заразни болести и Министерството за образование. За да се скратат часовите, малиот одмор, големиот одмор, мора да се направат законски измени, а за да биде така мора да имаме Влада и секако Собрание. Дури да се донесе и препорака наставата да биде онлај е потребно законски тоа да се регулира. Сите имени што ги правевме во март, април мај, сето тоа го правеше техничката Влада, но сега ситуацијата е поинаква. Ќе има одложување на стартот на новата учебна година се додека во земјава не се формираат највисоките државни органи, вели изворот на Фактор.


 

Повеќе