Мандат даден без обезбедено мнозинство, Мицкоски обвини дека мандатот е киднапиран од Заев


За мандатор за состав на Владата на Република Македонија го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ, кажа претседателот Пендаровски од Вила Водно.

Бура реакции во јавноста предизвика одлуката на претседателот Стево Пендаровски да му го довери мандатот за состав на Владата на Зоран Заев, без обезбедено парламентарно мнозинство. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, оцени дека мандатот моментално е узурпиран и киднапиран од Заев. Христијан Мицкоски го обвини Пендаровски дека го прекршил уставот, велејќи дека без доказ за обезбедено мнозинство, секоја од парламентарните партии би можела да го добие мандатот.

-Мандатот е узурпиран, би рекол киднапиран и е во рацете на човек како Зоран Заев. Тоа претставува продолжување на неславната пракса на кршење на уставот, при што сега активен учесник е и претседателот на државата. По кој критериум Пендаровски одлучи мандатот да го додели на партија и човек кој не достави доказ дека поседува мнозинство во Парламентот. Уставот е прекршен а Стево Пендаровски е активен учесник во сето тоа, изјави Мицкоски.

Заев мандатот од Пендаровски го доби врз основа на известување дека преговарал за да собере парламентарно мнозинство. Лидерот на СДСМ потврди дека се уште не собрал 61 пратеник, и најави дека продолжува со преговорите, изразувајќи надеж дека најмногу 20 дена ќе успее да состави Влада.

-Токму тие 20 дена се нашиот мегдан да успееме да формираме Влада, а со тоа да обезбедиме и парламентарно мнозинство најмалку од 61 пратеник. Секако за стабилна Влада тоа значи секоја бројка повеќе, која што ќе поддржи програма кадри, кандидати, би била сериозна голема гаранција за стабилна Влада од четири години, изјави Заев.

Дека доделувањето на мандатот е противуставно предупреди и доскорешниот собраниски спикер Талат Џафери.

-Неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, бидејќи на законодавниот дом роковите му започнуваат од моментот кога ќе го добие известувањето од шефот на државата дека мандатот е доверен. Неовластен човек не може да ги информира пратениците, порача Џафери.

Со добивањето на мандатот Заев има 20 дена да состави Влада, доколку не успее во тоа, истиот ќе мора да го врати назад кај претседателот на Македонија Стево Пендаровски.

Матеја Петровски

Повеќе