ТОДОР ПЕТРОВ-Македонија влегува во уставна криза, а башибозукот ќе се продлабочи.


СОБРАНИЕТО СЕ КОНСТИТУИРА НА 4 АВГУСТ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА МАНДАТ ЗА СОСТАВ НА ВЛАДА ДОВЕРУВА ЗАКЛУЧНО СО 14 АВГУСТ, А МАНДАТОРОТ ПРЕДЛАГА ПРОГРАМА И ВЛАДА ДО СОБРАНИЕТО ЗАКЛУЧНО СО 3 СЕПТЕМВРИ!

Пишува Тодор ПЕТРОВ

Во членот 61 од Уставот на Република Македонија “(1) Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. (2) Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.“

Во членот 63 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија “(1) Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. (2) Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.“

Во членот 66 од Уставот на Република Македонија “Собранието е во постојано заседание. Собранието работи на седници. Седниците на Собранието ги свикува претседателот на Собранието. Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“

Во членот 67 од Уставот на Република Македонија “(1) Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието. (2) Функцијата претседател на Собранието е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. (3) Претседателот на Собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на Републиката.“

Во членот 90 од Уставот на Република Македонија “(1) Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. (2) Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. (3) Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“

Работата на Собранието на Република Македонија е уредена со Законот за Собрание на Република Македонија, во чиј член 17 се вели: “(1) Собранието од редот на пратениците избира претседател и потпретседатели на Собранието. (2) Бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. (3) Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на политичката партија застапена во Собранието која е најголема опозициона партија. (4) Постапката за избор на претседател и потпретседатели на Собранието е уредена со Деловникот.“

А во членот 18 од Законот за Собранието на Република Македонија “Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот и врши други работи утврдени со Уставот, Деловникот и закон.“

Конституирањето на Собранието на Република Македонија е уредено во глава II од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Во членовите 9-19 од Деловникот е уредена “Конститутивната седница на Собранието и верификација на мандатот на пратениците“, во членот 20 од Деловникот е утврден “Изборот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата“, а во 21-28 од Деловникот е уредена постапата за “Избор на претседател и потпретседатели на Собранието“.

Во согласност со членот 20 од Деловникот на Собранието “предлог состав Комисијата за прашања на изборите и именување на Собранието на конститутивната седница, може да предложат најмалку десет пратеници.

Во согласност со членот 22 од Деловникот на Собранието “кандидат за претседател на Собранието може да предложи Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници, притоа еден пратеник може да биде предлагач само на еден кандидат за претседател на Собранието.“ Во согласност со членот 27 од Деловникот на Собранието “одредбите на овој деловник што се однесуваат на предлагањето на кандидати и изборот на претседател на Собранието, се применуваат и на предлагање на кандидати и избор на потпретседатели на Собранието.“

За потсетување, на предвремените избори за пратеници во 2016 година, Собранието го верификува мандатот на пратенциите на 30 декември 2016 година. Во рок од 10 дена од верификацијата на мандатот на пратениците, односно од конституирањето на Собранието, на 9 јануари 2017 година претседателот на Републиката проф.д-р Ѓорге Иванов му го довери мандатот на Никола Груевски за состав на Влада, како претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со најголем број пратеници во Собранието. Од 9 јануари 2017 година почна да тече рокот од 20 дена во кој мандатарот за составување на новата влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, требаше да поднесе програма и предлог-состав на Влада до Собранието, заклучно со 29 јануари 2017 година. Никола Груевски не успеа да состави Влада. Иако во Уставот не постои можност за повторно доверување на мандат за состав на Влада, претседателот на Републиката проф.д-р Ѓорге Иванов мандатот за состав на Влада му го довери на Зоран Заев на 27 мај 2017 година, после настаните во Собранието на 27 април 2017 година, откако депонира посебна изјава.

Впрочем, мандатот на пратениците тече од верификацијата, а не од крајот на конститутивната седница со изборот на претседател и потпретседатели на Собранието.

Кандидат за претседател на Собранието може да предложи Комисијата за избори и именувања, како и најмалку 20 пратеници. Но, никој не се осуди со најмалку 20 пратеници да предложи кандидат за претседател на Собранието, затоа што секој со секого преговара за состав на парламентарно мнозинство, а изборот на претседател на Собранието одамна е дел од пакетот за формирање парламентарно мнозинство за избор на коалициона Влада.

Во согласност со членот 90 од Уставот на Република Македонија, Зоран Заев како мандатор за состав на Влада, наместо во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, во рок од четири дена на 27 мај 2017 година на Собранието му поднесе програма и предлог состав на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Собранието ја избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници на 31 мај 2017 година.

Врз основа на предвремените избори за пратеници одржани на 15 јули 2020 година, Собранието го верификува мандатот на пратениците на 4 август 2020 година. Изборот на претседател на Собранието не е условен со изборот на Влада, прво се врши избор на претседател на Собранието, а потоа се избира Владата. Меѓутоа бидејќи изборот на претседателот на Собранието е врзан со формирање на потребното парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеници кое е потребен минимум и за избор на Влада, конституирањето на Собранието не значи крај на конститутивната седница на Собранието, која завршува со избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата и изборот на претседател и потпретседатели на Собранието.

Во согласност со членот 90 од Уставот на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието на 4 август, заклучно со 14 август 2020 година да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, значи најдоцна заклучно со 3 септември е должен на Собранието му поднесе програма и да го предложи составот на Владата, кое Собранието ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со најмалку 61 пратеници!

Во актуелниот состав, независно од легалноста и легитимнноста на предвремените избори за пратеници, можни се сите симулации и комбинации за состав на Влада меѓу политичките партии со пратеници во Собранието! Во коалицијата “Можеме“ со вкупно 46 пратеници, (СДСМ има 34 пратеници, БЕСА 4 пратеници, ЛДП 2 пратеници, НСДП 2 пратеници, ДОМ 1 пратеник, ПДТ 1 пратеник, ДС 1 пратеник, ВМРО-НП 1 пратеник), во коалицијата “Обнова“ со вкупно 44 пратеници (ВМРО-ДПМНЕ има 40 пратеници, СПМ 2 пратеници, ДПСМ 1 пратеник, ГРОМ 1 пратеник), ДУИ има 15 пратеници, Коалицијата Алијанса/ Алтернатива има 12 пратеници (Алијанса на Албанците 6 пратеници и Алтернатива 6 пратеници), Левица има 2 пратеници и ДПА има 1 пратеник.

За жал, поради политички манипулации и злоупотреба на службената положба и овластувања, Талат Џафери го суспендира Собранието со пратениците избрани на 11 декември 2016 година, чиј мандат се продолжува за време на вонредна состојба која траеше од 18 март заклучно со 23 јули 2020 година, иако предвремени избори по правило не се одржуваат шест месеци пред крајот на мандатот. И наместо избори за пратеници во 2021 година макар заедно со локалните избори, пратениците со мандат 2016-2020 влетаа во авантура на 15 јули која заврши со изборна измама, со груб фалсификат на слободно изразената волја на избирачите!

Доколку не се договори Влада, најверојатно е да се избере само претседател на Собранието со договор за негово распуштање и распишување на нови предвремени избори за пратеници. Во спротивно, Собранието без претседател и државата без Влада, со техничката Влада на Оливер Спасовски чиј мандат заврши на 12 април 2020 година, Македонија влегува во уставна криза, а башибозукот ќе се продлабочи.


 

Повеќе