ВМРО-ДПМНЕ се откажа од потпретседател на Собранието


ВМРО-ДПМНЕ нема да предложи свој кандидат за потпретседател на Собранието. Ова го соопшти вечерва генералниот секретар на партијата Игор Јанушев и додаде дека уште од старт биле против тоа да има пет потпретседатели.

– Јавно кажавме од собраниската седница дека е премногу и дека е непотребен трошок сето ова што се прави. Впрочем ако видиме во минатото никогаш не било вака, дополнително само ќе се зголемат трошоците кои ги плаќаат граѓаните, а најголем од тие дури и да ги имаме пет потпретседатели никогаш нема да седнат на спикерското столче – рече Јанушев.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на вчерашната прес-конференција пред Собранието рече дека тие нема да предложат кандидат, само ако и ВМРО-ДПМНЕ се откаже од потпретседател.

– Нека се откаже ВМРО-ДПМНЕ од свој претставник за потпретседател на Собранието, ќе се откаже и СДСМ и, еве, ќе има три потпретседатели. Но, Деловникот вели дека најголемата опозициска партија има еден потпретседател. Ова го кажувам за да ѝ е јасно на јавноста дека ова е собирање политички поени на нечесен начин. За бројот на потпретседатели допрва ќе одлучува македонското Собрание – рече Заев.
Јавноста реагираше на предлогот да се утврдат петмина потпретседатели на Собранието, а критиките беа во наскоа дека нема потреба од толкав број. Реагираше и поранешниот претседател на Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, кој преку објава на Фејсбук посочи дека нема економска оправданост за да има пет потпретседатели.

Вељаноски направи и споредба со тоа како е во другите држави, па посочува дека во САД има 435 пратеници и 1 потпретседател, Велика Британија – 650 пратеници и 3 потпретседатели, Словенија – 90 пратеници и 3 потпретседатели, Италија – 630 пратеници и 4 потпретседатели, Германија – 709 пратеници и 5 потпретседатели.

Претходно, реагираше и поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече дека доколку ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија, која има намера да опстои на своите принципиелни критики во знак на прифаќање на критиката од јавноста сама треба да се откаже од тоа место кое ѝ следува.

Димовски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги повика сите партии кои, „си направиле пазар за овие функции да го сторат истото“.


 

Повеќе