Ќе бидеме во парламентот, ама нема да и обезбедуваме кворум на власта!


За вестите на ТВ Сител, Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“истакна дека пратеничката група на ВММРО-ДПМНЕ ќе работи институционално, но нема да дава поддршка во обезбедување на кворум.

„Јас уште на првата конститутивна седница реков ако утрото по денот се познава, тешко е дека ќе имаме добар ден. Новата Влада предводена од СДСМ има многу тенко мнозинство, и тоа се гледа на сите седници кои што досега се одржаа“, нагласи Мицевски.

Мицевски додаде дека како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ укажа дека владиното мнозинство има проблем на редовно функционирање на Парламентот од причина што 62 пратеника се многу малку за редовно одржување на самото Собрание и негова работа.

„Ние како опозиција ќе бидеме присутни, ќе дејствуваме во рамките на Парламентот, институционално, но во никој случај да не се потпираат на обезбедување кворум од страна на опозицијата, и после тоа обвинување на опозицијата за нефункционирањето на институциите“, рече Мицевски.

Мицевски посочи дека таков случај имало денес во парламентот каде што владиното мнозинство се обиде да ја наклевети опозицијата дека таа е виновна за нивното нефункционирање.

„Не присуствувавме на пленарната седница од причина да испратиме порака, ќе си соберат пратениците, 62 на број, толку е моментално владејачкото мнозинство, да си бидат присутни на седниците и да работат. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше присутно во Собранието, ние впрочем и учествувавме на самата Комисија за верификација на мандатот на колешката, со една цел да испратиме порака дека институционално ќе работиме, меѓутоа нема да даваме поддршка во обезбедување на кворумот“, нагласи Мицевски.


 

Повеќе