ИЛИЈА ДИМОВСКИ-ТОПЧЕТО И ТРИТЕ КУТИВЧИЊА НА КАМЕН МОСТ


ТОПЧЕТО И ТРИТЕ КУТИВЧИЊА НА КАМЕН МОСТ

Собранието е во криза.
Собранието не може и не смее да работи и одлучува без да заседава.
Собранието не работи он-лајн.
Собранието не треба да постои за ситни финти, туку за сериозна и мудра политика.

▪Тесната политичка платформа и малиот број на граѓани и пратеници кои ја поддржаа оваа Влада се објективни факти кои беа познати при формирањето на ова мнозинство и оваа Влада.
Познат факт беше и постоењето на епидемија на Ковид 19 вирусот.
Се брзаше на избори со тврдење дека се неопходни целосно функционални институции за борба против вирусот и економската криза.

▪Одлуката да се формира Влада со толку мала политичка платформа зад себе и со толку мал број на пратеници (историски најнизок) зад себе е одлука на раководствата на ДУИ и СДСМ.
И во СДСМ и во ДУИ има искусни политичари кои знаат како функционираат институциите (Собрание и Влада) и што се е потребно за тие непречено да ја извршуваат својата работа.
Владата е формирана единствено со желба да се владее, а не и со концепт како државата да се соочи со големите проблеми.

▪Неможноста Собранието да заседава и да обезбеди доволен број на гласови за одлучување (во овој случај за ребаланс на Буџет и избор на потпретседстели) е одговорност на СДСМ и ДУИ, кои иако со тесна и мала поддршка одлучија сами да раководат со државата.

▪Овие месеци после конституирање на Собранието и формирање на Владата, мнозинството со ниту еден гест и постапка, не покажа институционална форма на вклучување на опозицијата во борбата со епидемијата и економската криза.

▪Во македонскиот јазик зборот “собрание” значи собирање на луѓе на едно место, собирање заради заедничко одлучување.
Собранието ниту може (според Устав и Деловник), ниту смее да одлучува без да се собере и да заседава.

▪Идејата за он-лајн седници на Собранието е спротивна на Уставот на Република Македонија кој можноста Собранието да работи ја поврзува единствено со присуство.
Уставот е јасен и во својот член 69 вели: “Собранието може да работи ако на седницата присуствува мнозинството од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.”

▪Идејата за он-лајн седници на Собранието е спротивна и неостварлива, посебно во делот на одлучување, и за Деловникот за работа на Собранието кој во својот член 95, став 1 вели: “Собранието може да одлучува ако на седница присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници.”, а во истиот член, но став 2 вели: “Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Устав не е предвидено посебно мнозинство.”.

▪Сериозен е проблемот со кој ќе се соочи државата доколку власта не разбере дека врз себе ја превзема одговорност за да раководи со потребите и интересите на сите граѓани.
Власта мора да разбере дека не е проблем тоа што Уставот не дозволува он-лајн работа на Собранието, туку проблем е малата и тесна поддршка што оваа Влада ја има во Собранието.
Постојат начини да се надмине овој проблем, но тие не се во рамките на размислувањето за менување на начинот на работа на Собранието, бидејќи за да се смени потребна е промена на Уставот, а тоа е постапка која трае околу 100 дена. Начините мораат да бидат политички, но да признаеме, и тоа ќе се случува во тежок политички контекст.

▪Од една страна, Владата треба да понуди политичка платформа за справување со кризата, но тоа ќе подразбира висок степен на компромисност со опозицијата за начинот на справување со кризата (здравствена и економска), па и за поставеноста на органите кон оваа криза.

▪Но од друга страна доколку опозицијата одлучи да ја сподели одговорноста со власта за сегашната нефункционалност на институциите, во услови во кои е маргинализирана, тогаш ќе мора да спреми сериозна аргументација пред своето гласачко тело кое секако нема со добар дух да прифати споделена одговорност со власт која за нив е неспособна, неодговорна и штетна за државата.

▪Наративот и политичката комуникација помеѓу власта и опозицијата исто така не остава голем простор за соработка. Очигледно не се мерело и не се постапувало со мудрост и согледување на можните предизвици за државата во иднина.
Да поставиме прашање со речникот на двете страни: Како власта ќе соработува со опозиција која е составена од криминалци кои ќе ги стигне правдата и обратно, како опозицијата ќе соработува со мафија која еден ден ќе се соочи со правдата?

▪Оттука, секое брзање и постапување во Собранието без општа согласност ќе раѓа само нови кризи. Опозицијата треба да е вклучена, но не како инструмент за остварување на целите само на власта.
Власта треба да понуди концепт за кој гласачите на опозицијата ќе веруваат дека нивните пратеници треба да застанат и го поддржат. Се друго не е политика, се друго е како онаа игра на Камен мост со топчето и трите кутивчиња.


 

Повеќе