НОВО

In memoriam АПСЕЊЕТО НА САРАФОВ ОД СТРАНА НА БУГАРСКАТА ВЛАСТ СО ЦЕЛ НЕГОВА СМЕНА ВО ВМК ВО 1901 ГОДИНА

fb img 1701251546502

In memoriam АПСЕЊЕТО НА САРАФОВ ОД СТРАНА НА БУГАРСКАТА ВЛАСТ СО ЦЕЛ НЕГОВА СМЕНА ВО ВМК ВО 1901 ГОДИНА

(ФБ статус: НИКОЛА ГРУЕВСКИ)

oglasi jovi kompani

Во годините од мај 1899 година кога Борис Сарафов (12 јуни 1872-28 ноември 1907 па до август ) станал и бил шестиот претседател на Врховниот македонски комитет (понатаму ВМК). Тој на чело на оваа организација која функционирала помеѓу 1895 и 1905 година дошол со подршка на ТМОРО (поранешно име на ВМРО) и особено на задграничниот преставник во тоа време Ѓорче Петров.

dzovi kompani baner horizontalen

Во време кога Б.Сарафов бил водач на ВМК, двете македонски организации ВМК и ТМОРО, се испреплетувале помеѓу себе и дејствувале речиси како единствена организација. Тоа не се случувало само по заслуга на Борис Сарафов, туку и со дозвола и знаење на членовите на задграничното предтавништво во Софија во тоа време, Ѓорче Петров и Гоце Делчев. За време VІІ македонски конгрес, односно конгрес на ВМК (30 јули-5 август 1900), било констатирано дека за потребите на ТМОРО биле дадени 11.990 златни левови и 23.327, 20 левови во сребро, што значи дека ТМОРО имала многу голема финансиска и матерјална подршка од ВМК.
Меѓутоа, Сарафов бил далеку од тоа да биде послушник на ТМОРО. Напротив тој лично имал дури и амбиции и да го превземе ТМОРО, па да стане севкупен водач на македонското ослободително дело.

Од овие причини веќе кон крајот на 1900 година настаните покажале дека наскоро и самиот Борис Сарафов ќе се најде во немилост на бугарската влада, која брзо увидела дека тој не е погодна личност за нејзините комбинации, планови и политики кон Македонија и македонското прашање.
Затоа почнуваат активности за остранување на Сарафов од челната функција на ВМК, кои најпрво започнале со неформално укажување кон него од луѓе од власта со кои се познавал за самиот да се повлече, а завршиле со сериозна организација на голем број настани за негова смена и негов политички прогон во кои се вклучени правосудните органи, обвинители, истражители, судии, политичари итн и со многу притисоци, закани и завери. Тоа е и период кога има негово апсење и судење од бугарските власти, но и серија огромни и масовни протести на Македонците во Софија за негово ослободување, на моменти со огромни тензии, пресметки на насобраната толпа со бугарската полицијата, што резултирало сонарушена безбедносна ситуација во Бугарија од страна на македонската емиграција. Се собирале дури до 30 илјади граѓани, главно Македонци во време во кое според достапната статистиката денес градот Софија имал околу 70 илјади жители.

baner portland horizontalen

Следувале и конгрес на ВМК за негова смена и инсталирање на двоецот Стојан Михајловски-Иван Цончев на негово место, најпрвин како привремени, а подоцна во август 1901 година и како официјален претседател и подпретседател на ВМК.

Сарафов иако во еден момент се согласил да се повлече, потоа се предомислил и жестоко се борел со сите сили да го спречи тоа, но имал премногу моќни непријатели и не успеал. Тоа е и период кога тој официјално преминал во ТМОРО, за во време на Илинденското востание да е член на раководниот востанички штаб во битолскиот револуционерен округ заедно со Даме Груев и Анастас Лозанчев.
Од моментот на неговата смена како претседател на ВМК, истата повторно е под контрола на бугарските власти.

banerПРИМА ДЕНТi horizontalen

ВМК бил многу важен затоа што тој бил централно место каде се собирале големи финасиски средства од чланарини и доброволни прилози на бројните друштва на македонската емиграција во Бугарија и Романија, која во тоа време особено во Бугарија е многубројна и влијателна.

Тие пари Македонците во емиграција ги намениле за подобрување на животот во Македонија и ослободување на Македонија од османлиска власт. Со тие пари се купувало оружје и се подготвувале активности за востание. Борис Сарафов бил шести по ред претседател на организација, но прв и единствен кој не бил под контрола на бугарските власти и со јасни промакедонски позиции што најдиректно е отсликано во неговата мисла: ,,Ние Македонците не сме ни Срби, не сме ни Бугари, туку едноставно Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние сочувствуваме и со едните и со другите, и со Бугарите и со Србите: кој ќе го помогне нашето ослободување, нему ќе му бидеме благодарни, но Србите и Бугарите нека не заборават дека Македонија е само за Македонците…”

Сарафов имал специфичен карактер, бил многу храбар, упорен, амбициозен, имал авантуристички дух, бил човек кој тешко било кој можел да го држи под контрола, исклучително харизматична личност и омилен помеѓу Македонците и пошироко. Човек со многу познанства, вклучително и со министри во владата на Бугарија, говорел странски јазици и патувал низ Европа остварувајќи многу меѓународни контакти и барајки дополнителна помош за ослободителното дело, давајки интервјуа и создавајќи меѓународни пријателства и подршки.
Човек кој низ неговиот живот, час е во Париз, Виена, Рим, Женева итн во мисија на собирање финасии, оружје и политичка меѓународна и дипломатска подршка, час е на бојното поле во ислучително ризични битки во Македонија, и час е по софиските ноќни клубови, или пак на состаноците на ВМК или ТМОРО.

Железара Џајми Комерц

 

Борис Сарафов бил жива легенда и омилена личност помеѓу македонското емигрирано население во Софија и Бугарија и многу подржан од нив и популарен.
Токму затоа бугарските власти во времето кога сакале да го сменат од функцијата претседател на врховниот македонски комитет од кој сестрано го помагал со оружје и практично работел за ВМРО како да се една организација, направиле се да не мора да го уапсат за да го сменат, но не успеале и следувале бурни настани и месеци на историски предизвици во Софија и Бугарија како на филмска лента.

Во текстот кој следува наменет само за оние кои ги интересира овој бурен период на македонската историја, ќе забележите настани како во вистински трилер, ќе ја забележите и една од најголемите грешки на Гоце Делчев кој самиот признал дека му била голема грешка и која довела до прво поголемо инфилтрирање на луѓе од ВМК во ТМОРО, веќе под раководство на Стојан Михајловски и Иван Цончев кои биле под контрола на бугарските власти.

oglas gradezen inziner

Следува опис како изгледал денот пред и за време на апсењето на Б.Сарaфов од бугарската полиција, со цел негова смена од позицијата, како и наредните денови, недели и месеци до неговата смена во ВМК, со два подолги цитати од монографијата за Борис Сарафов од 2017 год. од д-р Никола Жежов, текст кој се базира на голем број архивски документи и сеќавањата на повеќе македонски дејци.

***

“…Постапките на бугарската влада биле индикативни и Б. Сарафов во секој момент го чекал неговото апсење од бугарската полиција. На Сарафов и неговите соборци им станало јасно дека нема никакви услови за одржување легитимен конгрес на ВМК на кој планирал и официјално пред делегатите да ја објави својата кандидатура за претседател. Веројатно самиот Б. Сарафов веќе бил подготвен за апсењето и последиците кои доаѓале со таквиот чин.

На 23 март 1901 година, Б. Сарафов заедно со неговиот другар и соборец Тома Давидов заминал во хотелот „Одеса”, каде што често доаѓал на музика и ноќен живот. Во 11 и 30 часот, пред полноќ кога се прибрале во домот на Б. Сарафов, на вратата од семејното живеалиште затропал судскиот извршител Вељо Маринов во придружба на стражари и со намера да ги апси Борис Сарафов и Тома Давидов. Двајцата револуционери откажале да се потчинат на извршителот, побарале судска наредба за нивното апсење и дури се заканиле со револверите дека ќе пукаат кон претставниците на бугарската власт. Според една од верзиите за настанот, Сарафов и Ковачев при обидот за апсење, направиле „театрално вадење на револвери”. Во секој случај, судскиот извршител и стражарите се повлекле. Според друга верзија, обидот за апсењето на Сарафов и Давидов се случил на 23 март во вечерните часови, но не во станот на Сарафови, туку при нивното излегување од седиштето на Комитетот. Бугарскиот судски иследник Маринов и стражарите сакале да ги уапсат Сарафов и Давидов на улица, на што претседателот на ВМК им го побарал решението за неговото апсење. Откако иследникот не го покажал документот, Сарафов му се заканил со зборовите:
„Кога ќе го добиете решението, тогаш ќе дојдете да не апсите. А сега тргнете се и оставете не на мир. Еден чекор кон нас и ќе го платите тоа со својот живот!”

se prodava deloven objekt

Маринов и чуварите отстапиле и им дозволиле на Сарафов и Давидов да се упатат кон дома. Тие ги следеле двајцата македонски револуционери до самиот влез, без да преземат нешто конкретно.

Но, со ова не завршила операцијата за апсењето на Борис Сарафов. Изутрината, на 24 март, во 10 и 30 часот откако им бил покажан судски декрет, Борис Сарафов и Тома Давидов биле уапсени од бугарските власти. Во раните утрински часови биле уапсени и Славчо Ковачев и Георги Петров, по што канцеларијата на ВМК била запечатена и пред неа бил поставен стражар. Според Б. Сарафов во акцијата за апсење од страна на бугарската полиција, покрај него биле уапсени и Славчо Ковачев, Тома Давидов, касиерот Георги Петров со мислење дека тој е Ѓорче Петров. Откако било утврдено дека не е Ѓ. Петров, касиерот бил ослободен по неколку дена. Привремено, Комитетот бил раководен од Георги Минков и уште неколкумина соборци на Сарафов, како Славе Мерџанов и Петар Соколов.

Во текот на вечерните часови преку Коста Мазнејков, Б. Сарафов испратил порака до Петар Манџуков и Орце Поп Орданов да направат напор, да влезат во седиштето на Комитетот и да ги уништат хартиите што се наоѓале на работната маса во неговата соба. Веројатно се работело за доказен материјал за кој Сарафов сметал дека може да биде употребен против него во текот на судскиот процес. Борис Сарафов ја побарал поддршката за доверливата акција од припадниците на кружокот на гемиџиите и анархистите кои ги потпомагал со финансиски средства за нивните атентаторски акции. Уште истиот ден Манџуков и Поп Орданов се обиделе да влезат во седиштето на Комитетот преку зградата на Синодот на бугарската црква, но обидот се покажал како неуспешен, бидејќи не им било дозволено од митрополитот Максим да влезат во објектот.

Апсењето на Борис Сарафов не можело да остане незабележано помеѓу македонските кругови и македонската емиграција во Софија каде што тој имал голем број приврзаници. Меѓутоа, за апсењето на Борис Сарафов известиле и дел од британските весници, кои меѓу другото истакнувале дека лишувањето на Сарафов од слобода се должело и на двете политички убиства во Романија зад кои стоел тој и Македонскиот комитет. Американскиот весник „Њујорк тајмс“ од 7 април 1901 година уште подетално ја анализирал целата ситуација со апсењето на Сарафов и тврдел во статијата дека е можно да се случи поголем вооружен конфликт поради Македонците и македонското прашање. Во воведниот дел на статијата на Њујорк тајмс драматично била опишана целата состојба околу апсењето во Софија:
„Сите лидери на Македонскиот комитет тука, вклучувајќи го и Сарафов, минатата ноќ се уапсени. Зградата во која Комитетот се состанувал е запечатена. Револуционерното движење меѓу Македонците индиректно резултирало со војна меѓу Турција и Грција. Македонците, сметајќи дека револуцијата на Крит била барем делумно успешна, се решени да се вклучат во активните мерки за да ја обезбедат сопствената независност и – нивните неодамнешни постапки биле само набљудување во најголем дел со алармирање од страна на силите. Укажано е дека само акцијата на Русија, Австрија и Велика Британија спречила избувнување судир во Македонија. Тежината на ситуацијата се зголемила со фактот дека мнозинството од народот во Бугарија, во чиј главен град е седиштето на Комитетот силно се наклонети кон движењето и ги снабдувале Македонците со оружје и Муниција. Бугарската влада презела различни мерки за да ја провери работата на Комитетот, но принцот Фердинанд и неговите советници очигледно се двоумеле да заземат цврст став до апсењата во петок. Отворено било речено дека бугарските власти не се осмелуваат да го забранат Комитетот, но ова тврдење сега се покажува дека било неумерено…

media digital ads

Анализата на Њујорк тајмс“ покажува дека САД добро ги знаеле целите на ВМК и политиката на бугарската влада кон него, но исто така многу значајно е што овој влијателен весник имал став дека Македонците се посебен народ, што веројатно било став и на официјален Вашингтон. Податоците во „Њујорк тајмс” се точни и прецизни што докажува дека американската политика имала голем интерес кон Македонија и македонското прашање кое го третирала како посебно и од државна и од национална гледна точка. Според некои документи и податоци постоела веројатност и дека апсењето на Б. Сарафов и другарите се случило под притисок на Русија. Можноста за таков руски притисок е можна ако се земат предвид и предупредувањата на одредени влијателни руски политичари до Сарафов во врска со неговата револуционерна дејност. Сепак, точни податоци за руското влијание врз неговото апсење не постојат.

Бугарската власт очекувала жестоки реакции на соборците и приврзаниците на Б. Сарафов. Преку свои канали Сарафов им пренел на другарите да се воздржуваат од протести поради неговата претпазливост дека може со тоа да му се наштети на самиот тек на судскиот процес. И покрај неговите предупредувања, повеќемина приврзаници и пријатели се зафатиле со организирање протестен митинг, кој бил закажан следниот ден, на 25 март 1901 година. Главни организатори на протестот биле Славе Мерџанов, Симеон Радев и уште неколкумина нивните соборци и пријатели. По иницијатива на Мерцанов започнале да се печатат летоци со покана за митингот кои преку луѓе блиски до Комитетот се расфрлале низ софиските улици. Бугарската полиција се обидувала да го спречи распространувањето на летоците и тоа предизвикало еден инцидент кој можел да ја запали целата ситуација уште на 24 март. Тој ден, околу 1 и 30 часот по ручек додека едно момче расфрлало летоци по улицата „Марија Лујза” еден бугарски стражар на должност обезбедување се пуштил кон него и со пцовки му ги побарал пропагандните материјали. Момчето извадило револвер и пукало кон бугарскиот стражар по што кон него се стрчале и други полицајци и војници. Во целата општа мешаница, момчето со летоците за митингот за ослободување на Сарафов и другарите било уапсено, што уште повеќе ја зголемило напнатоста на софиските улици. Толпа на разгневени луѓе, пред се Македонци се собирале по улиците со извици да се ослободи уапсеното момче. Големата група протестанти ја запрело и погребната поворка на починатиот д-р Стоилов. Разгневените луѓе се обидел да ги смири градоначалникот на Софија, но и тој бил исвиркан со извиците:

“Долу! Долу агентите на Турција!”

Целата напрегната ситуација била надмината со ослободувањето на уапсеното момче.

На 25 март 1901 година започнал митингот на македонската емиграција во Софија, кој претставувал поддршка за ослободувањето на Борис Сарафов и неговите другари од ВМК. Илјадници Македонци преку улицата „Пиротска” се упатиле кон хотелот „Македонија” каде што се одржувал митингот и каде што требало да се обратат неговите организатори и видни македонски емигранти од Софија. Прв говорник на митингот бил Славе Мерцанов, кој остро ја нападнал бугарската влада и кнезот Фердинанд, без никакви заобиколувања. Како втор говорник бил студентот по право Георги Николов, а последниот говорник бил Павел Генадиев, Митингот завршил мирно и без инциденти. Сепак, и покрај тоа, се чувствувала голема возбуда во Софија и останатите бугарски градови, не само кај Македонците, туку и во бугарските политички кругови, на кои исто така не им било сеедно тоа што Б. Сарафов бил уапсен од бугарската полиција.

Веќе следниот ден, изутрината во 7 часот на 26 март 1901 година според упатствата дадени од Б. Сарафов, двајцата македонски револуционери – анархисти, П. Манџуков и О. Поп Орданов заминале кон домот на судскиот иследник Хрусанов кој го водел судскиот процес против претседателот на ВМК. Откако го пронашле, Манцуков и Поп Орданов му се заканиле на Хрусанов и побарале од него „да замиже” при претресот на просториите на Комитетот, посебно работната просторија на Б. Сарафов. Исплашениот судски иследник, знаејќи од кого доаѓаат заканите, пребледен, молчаливо дал согласност на нивниот предлог кој бил значаен за Сарафов затоа што се уништувале важни документи кои биле докази против него. Претресот бил закажан за околу два часа по средбата со Хрусанов. Во 9 часот и 30 минути П. Манцуков и О. Поп Орданов се нашле пред просториите на ВМК, точно во моментот кога доаѓала бугарската полиција, заедно со иследникот Хрусанов и уапсените Б. Сарафов и благајникот на Комитетот, Георги Петров. Откако била отворена вратата од работната соба на Б. Сарафов, во просторијата прв влегол Сарафов кој набрзина собрал некои хартии од неговата работна маса и му ги подал на Манџуков. Целата таа работа ја забележал иследникот Хрусанов, но не реагирал. П. Манцуков ги скрил во палтото доверливите документи и по заминувањето од Комитетот, заедно со О. Поп Орданов, ги уништил во нивниот хотел. Така судските органи биле лишени од многу важни документи кои можеле да послужат како доказен материјал во судскиот процес против Борис Сарафов. Како и да е, официјално, на 27 март 1901 година бугарската полиција ја распечатила канцеларијата на Комитетот ја ослободила архивата. Прашање е колку веродостојни документи успеала да заплени полицијата и посебно такви кои би го компромитирале Борис Сарафов на претстојниот судски процес против него. Манџуков и Поп Орданов „ја завршиле” работата и ги отстраниле сите важни документи.

Напоредно со истражните постапки против Б. Сарафов, македонската емиграција во Софија не мирувала и се подготвувала за нов протестен митинг во главниот град на Бугарија. Покрај големиот број на интелектуалци од политичкиот и општествениот живот, на митингот свој впечатлив говор имал и новинарот и редактор на „Вечерна пошта” Стојан Шангов, кој ги нападнал бугарските власти и особено бугарскиот кнез Фердинанд за новонастанатата ситуација со Борис Сарафов. Големи протестни собири на македонската емиграција се одржале и во неколку други поголеми бугарски градови. Поголемиот дел од Македонците во Бугарија се солидаризирале со Борис Сарафов и му давале огромна поддршка за претстојниот судски процес како и за нов избор за претседател на ВМК. Дури и во едни такви чувствителни околности, дел од членовите на ВМК се подготвувале за вонредниот конгрес што го најавувал уште и самиот Б. Сарафов пред неговото апсење. Сепак во подговителните активности, а и поради новата ситуација, приврзаниците на И. Цончев имале голема предност пред претстојниот избор на нов претседател на Комитетот, затоа што главниот конкурент Б. Сарафов се наоѓал во затвор по нарачка на бугарската влада и дворецот.

На 27 спроти 28 март 1901 година, Б. Сарафов и неговите уапсени соборци од Комитетот биле префрлени од Втората во Третата полициска станица во Софија. Бугарската власт го извршила ова префрлување поради тоа што Втората станица била во центарот на градот и приврзаниците на Комитетот и пријатели на Б. Сарафов често се собирале и протестирале пред неа. Третата полициска станица се наоѓала во јужниот дел на градот и до неа потешко можело да се пристапи. Втората, поважна причина за префрлувањето на Сарафов и другарите била тоа што еден од стражарите кои учествувал во претресот на просториите на Комитетот, сведочел дека иследникот Хрусанов премолчено дозволил да се изнесат писмени документи од работната маса на Сарафов. По ова Хрусанов бил сменет и на негово место дошол иследникот Протопопов кој веднаш наредил префрлување на Б. Сарафов и останатите уапсени во Третата полициска станица. Новиот судски иследник се обидел да воведе построг режим врз Сарафов и другарите, но П. Манџуков и О. Поп Орданов ги користеле часовите кога тој бил отсутен и кога чуварите кои биле симпатизери на ВМК им дозволувале непречени посети. Но, во Третата полициска станица, Сарафов имал неочекувана посета. Во станицата дошле да го посетат и видат Јане Сандански и Никола Малешевски. За време на посетата дошло дури и до разговор во кој Сарафов ја побарал поддршката од Организацијата и им истакнал на Сандански и Малешевски дека Цончев бил човек на бугарскиот кнез. Сепак и покрај апелот за поддршка од Сарафов, во своите спомени Сандански истакнал дека Организацијата решила да ја поддржи листата на Стојан Михајловски”, а тоа де факто било исто како да се помага листата на Цончев. За недоразбирањата на Ѓ. Петров и Г. Делчев со Б. Сарафов во своите спомени соопштил и Х. Чернопеев, кој пишувал дека кога дошол во Софија, ги нашол двајцата револуционери и членови на ЗП во нарушени односи со Борис Сарафов. Таквата состојба Чернопеев ја затекнал кон крајот на март 1901 година.

Додека траеле подготовките за судењето на Б. Сарафов и раководството на Комитетот, во исто време се случувале и подготовки за одржување на вонредниот конгрес на Комитетот за избор на нов претседател. Според сеќавањата на П. Манџуков конгресот започнал на 2 април 1901 година во вистинска зимска атмосфера, со врнежи на снег во главниот град на Бугарија.
Според Симеон Радев, конгресот започнал на 6 април 1901 година. Сарафов како датум на започнувањето на конгресот го посочува 8 април 1901 година. Иако има разлика од неколку дена, сепак воедначеноста на датумите може да се направи со фактот што конгресот се одржувал за време на велигденските празници. Самиот конгрес започнал во услови на голем број на приврзаници делегати на И. Цончев, најмногу офицери и со отсуство на Б. Сарафов кој бил во затвор, иако неговата популарност била многу голема. Конгресот бил отворен во една многу мачна и тешка атмосфера предизвикана од апсењето на Б. Сарафов и целото актуелно раководство на Комитетот. До избирањето на ново претседателство, со конгресот и неговата работа раководел Славе Мерцанов, кој бил делегат на Габровското македонско друштво. На конгресот од името на ТМОРО зборувал и Гоце Делчев, кој отворено истакнал дека односите на двете организации биле нарушени поради тенденциите на Б. Сарафов да постави свои луѓе за раководители на Организацијата. Делчев истакнал пред делегатите дека поради тоа му се спротивставиле на Сарафов, бидејќи наложувањето на луѓе од надвор можело да предизвика катастрофа, преку почеток на една револуција. Говорот на Делчев пред конгресот значел крај на поддршката на Организацијата за Борис Сарафов. Приврзаниците на Б. Сарафов на конгресот ги застапувал Апостол Димитров по потекло од Костурско.
Додека траел конгресот во Софија се одржувал митинг во поддршка на Б. Сарафов и уапсените членови на Комитетот на кој присуствувале над 10.000 луѓе.
Поголемиот дел од делегатите на конгресот во текот на работата ја отфрлиле идејата за тоа генералот И. Цончев да биде избран за претседател на ВМК и како компромисно решение бил прифатен предлогот на чело на Комитетот привремено да застане Стојан Михајловски. На овој конгрес за првпат отворено биле изговорени критики од некои делегати за дејноста на Борис Сарафов особено на полето на финансиската политика каде што најмногу се споменувало принудното пласирање на облигациите и собирањето на паричните средства. Ваквите критички тонови упатувани од дел на делегатите кон Сарафов ја подотворале вратата за внатрешни поделби во Комитетот.
По завршувањето на конгресот, Б. Сарафов веднаш бил известен за изборот на С. Михајловски за нов претседател на ВМК, на што додал дека по извесно време пак ќе се случи негов реизбор и повторно заземање на челното место во Комитетот. Во тој момент Сарафов имал многу поважна работа отколку да се занимава со изборот на С. Михајловски за претседател на Комитетот. Сепак во новиот состав на Комитетот биле избрани и двајца членови кои биле блиски до Б. Сарафов, а тоа биле Минков и Георги Петров.

На 19 април 1901 година, Б. Сарафов заедно со останатите членови од веќе претходниот состав на ВМК повторно биле однесени на сослушување, кај судски иследник, чија канцеларија се наоѓала на улицата „Марија Лујза”. Штом се проширила веста за распитот и присуството на Сарафов во овој дел на градот, голема толпа од луѓе се собрала пред зградата на канцеларијата. Повторно започнале спонтани протести за ослободување на Б. Сарафов од затвор. Безбедносната ситуација во Софија по повод честите протести за ослободување на Сарафов била прилично кревка и во секој момент работите можеле да се усложнат или искомплицираат. На 23 април 1901 година студентите од Софија организирале митинг на плоштадот „Славејков” на кој била осудена политиката на бугарската влада по повод апсењето на Б. Сарафов и неговите соборци од Комитетот. На митингот зборувале неколку студенти и Симеон Радев по што луѓето на плоштадот формирале поворка со факели, која се упатила кон полициската станица каде што бил затворен Б. Сарафов. По пристигнувањето на поворката пред полициската станица, присутните започнале да викаат “ура” што го предизвикало Сарафов и неговите другари да се појават на прозорците и да ги поздрават насобраните луѓе. Ваквите протестни собири и дополнителното задржување на Б. Сарафов во затвор, уште повеќе ја зголемувале неговата популарност кај Македонците во Бугарија. Б. Сарафов ја уживал поддршката на студентите, помладите генерации на македонски емигранти, дел од политичките кругови во бугарското општество, голем број новинари и поголем дел од интелигенцијата блиска до ВМК, но и до ТМОРО. Овие настани само ја засилувале неговата позиција во ВМК, иако формално оваа македонска организација на вонредниот конгрес имала избрано ново раководство. Бугарската влада свесна за неговата популарност го одложувала судењето, со цел да го спречи неговото евентуално ослободување од обвинувањата.

Додека траел судскиот процес против Б. Сарафов, новото раководство на ВМК побрзало да склучи некаков договор со ТМОРО (подоцна ВМРО)за заедничко дејствување во Македонија. На 16 мај 1901 година бил склучен т.н. Мајски договор помеѓу ТМОРО и ВМК. Од страна на Комитетот се потпишале членовите на новото раководство, а од страна на Организацијата под договорот се потпишале Гоце Делчев, д-р Владимир Руменов и Михаил Герџиков, додека од името на офицерските братства се потпишале генерал Иван Цончев и потполковник Стефан Николов. Според договорот, офицерите добиле право да влезат како евентуални членови на ЦК на ТМОРО, да учествуваат во сите структури на Организацијата и да ги задржат складовите со оружје во близина на границата.
Најиндикативен дел од договорот била точката 1, според која во составот на Централниот комитет на револуционерната организацијата во Македонија и Одринско да влезат за членови 2-3 офицери како специјалисти по военото дело, на еднакви права другите членови на истиот комитет.
Ваквиот договор претставувал огромна грешка на раководството на Организацијата која фактички дозволила врховистите, со нејзина согласност да влезат во редовите на ТМОРО и тоа во самото нејзино раководство. Мајскиот договор претставувал пресвртен момент и отворена можност за губење на независноста на TMOPO. Несфатливо е како задграничното преставништво на ТМОРО воопшто го e поддржало новото раководство на ВМК, а ја откажало поддршката на Б. Сарафов ако се земе предвид тоа што токму Сарафов давал и финансиски средства и оружје за потребите на Организацијата. Оружјето од магацините на ВМК, речиси целосно обезбедено од Сарафов, кое истиот и го понудил на ТМОРО, од тој момент целосно се нашло во рацете на новото раководство на Комитетот и станало основа за непречено вооружување на врховистичките чети. Сарафов самиот потврдил дека на Делчев му понудил да земе د 1000манлихерови пушки и да ги однесе во внатрешноста на Македонија, затоа што постоела опасност Цончев и неговите луѓе да ги соберат. Сарафов само му побарал расписка за да ги оправда пушките, но Г. Делчев не се согласил со тоа.
Делчев подоцна ја разбрал својата грешка. Но, работите веќе биле тргнати на штета на Организацијата. На повикот на Цончев, според договорот, 30 души офицери се пријавиле да заминат во Македонија како војводи на чети. Вратата за влез на врховистичките чети кон Македонија била отворена.

Кон крајот на мај 1901 година, судскиот процес против Б. Сарафов и членовите на неговиот ВМК сè уште се одложувал на неодредено време, а зад кулоарите се слушале разни шпекулации за тоа дека е можно постапката да се одложи дури за есен. Главниот обвинител при софискиот Окружен суд по повод таквата ситуација изјавил дека ќе си даде оставка доколку не се забрза постапката за случајот со Борис Сарафов. Случајот со евентуалното судење на Б. Сарафов и другарите се уште ја бранувал бугарската јавност, која во голем дел бил вистински наклонета кон македонскиот револуционер.
На 3 јуни 1901 година на плоштадот „Славејков” во Софија повторно се одржал масовен митинг на кој присуствувале над 30.000 луѓе. Насобраната маса граѓани се изјаснила против одложувањето на судскиот процес и задржувањето во затвор на Б. Сарафов и неговите соработници и соборци. Илјадната толпа народ ги исполнила софиските улици и се упатила кон плоштадот „Македонија“ каде што застанала пред зградата на Третата полициска станица и скандирала пароли за поддршка на Б. Сарафов и притворените соборци. Кога Сарафов со другарите се појавил на прозорците од вториот кат бил бурно поздравен со извикот „ура” на што тој и соборците одговориле со поздрав. Во текот на митингот, бугарските власти интервенирале со еден одред коњичка жандармерија која се измешала со луѓето и се обидела да ги растера со камшици. Насобраните луѓе се спротивставиле на бугарската полиција при што дошло до судир и употреба на физичка сила и од двете страни. Во судирите со бугарската полиција учествувале и П. Манцуков и О. Поп Орданов кои биле блиски соработници и пријатели со Б. Сарафов.

Состојбата со судскиот процес против Б. Сарафов и старото раководство на ВМК во почетокот на јуни 1901 година кулминирала до највисок степен. Бугарските судски институции биле под постојан притисок на јавноста да го решат случајот, и во полза на Сарафов, кој ги здобил симпатиите кај најголемиот дел од луѓето. Кога веќе било повеќе од јасно дека членовите на Комитетот се држат затворени, без никакви конкретни обвиненија, некои од уапсените соработници и пријатели на Б. Сарафов биле ослободени од затвор, на 10 јуни 1901 година. Тоа биле Тома Давидов, Георги Петров, Марко Бошњаков, Ангел Поп Арсов и Коце Зафиров. По ова во текот на јуни 1901 година бил одржан судски процес на кој била донесена одлука дека и останатите членови на старото раководство на ВМК се ослободуваат од обвиненијата. Според одлуката на софискиот суд од затворот биле ослободени: Борис Сарафов, Славчо Ковачев, Тролев и поручникот Стојанов. Ослободувањето на Борис Сарафов од затвор со огромна радост било пречекано од неговите соборци и симпатизери во Софија. Според Ефтим Спространов, поголема група луѓе чекале пред судот и откако ослободените излегле надвор, Сарафов и Ковачев биле носени на раце од страна на помлади луѓе. Неколку дена по неговото ослободување Б. Сарафов ја напуштил Софија и Бугарија. За судскиот процес против Б. Сарафов и неговите соборци од Комитетот, известил и влијателниот американски весник „Њујорк тајмс“ кој секогаш будно ја следел револуционерната активност на Сарафов. Весникот пишувал дека главното обвинение против Сарафов и неговите другари биле убиствата на Михаилеану и Фитовски во Романија, но и тоа дека поротниот суд во Софија донел ослободителна пресуда. Меѓутоа, новинарот кој ја напишал статијата многу аналитички заклучил дека процесот против Сарафов имал друга заднина, а дека самото судско рочиште повеќе имало парадерски карактер. Доказ за тоа, според новинарот било што ослободителната пресуда се случила „откако Македонскиот конгрес во Софија го избрал Михајловски за претседател на Врховниот комитет, на тој начин обезбедувајќи победа на умерената фракција против Сарафов и неговите приврзаници. Според „Њујорк тајмс”, Борис Сарафов по изрекувањето на ослободителната пресуда бил протеран од Бугарија и тоа било сторено по енергичните протести на романската влада. Дури, според статијата, била можна и војна помеѓу Романија и Бугарија, но конфликтот бил спречен од Австрија и Русија. Тврдењата на „Њујорк тајмс” биле сосема аргументирани и точни затоа што навистина Борис Сарафов бил пречката за подобрувањето на односите помеѓу Романија и Бугарија и една од причините за неговото протерување било обвинувањето за ликвидациите на Михаилеану и Фитовски. Од друга страна, Бугарија начекала погодна шанса и изговор да се ослободи од Борис Сарафов, кој станал пречка за нејзините планови кон Македонија и македонското прашање. Но, Б. Сарафов ги имал симпатиите на „Њујорк тајмс“ и на други весници во САД и Европа, а тоа било многу важна поддршка во услови кога агитацијата била пресудна за издигнувањето или непопуларноста на некоја личност.

Со ова бил завршен првиот дел од планот на бугарската влада и дворецот за отстранувањето на Б. Сарафов од ВМК, како личност која не била погодна за контрола и спроведување на бугарските државни планови кон Македонија и македонското прашање. Бугарската влада преку привремениот избор на С. Михајловски за претседател на ВМК создавала поволна клима за инсталирање на офицерите блиски до нејзината политика и интереси и целосна контрола врз оваа македонска организација. Индикативно е тоа што членовите на ЗП на ТМОРО, Гоце Делчев и Горче Петров застанале против изборот на Б. Сарафов за претседател на ВМК, сметајќи дека понатамошната соработка со него е невозможна и дека е личност која била непредвидлива и многу тешка за контрола. Според Атанас Мурцев, првата кавга, можеби не пресудна, но влијателна за понатамошната соработка меѓу Делчев и Петров од една страна и Сарафов од друга страна било прашањето за бројот на офицерите од ВМК кон требало да влезат на територијата на Македонија. Б. Сарафов побарал од Г. Делчев и Г. Петров да дозволат 5 души офицери да влезат на македонска територија, на што членовите на ЗП се спротивставиле од страв да не им бидат преземени работите во внатрешноста од луѓе на Комитетот. Многу веројатно е дека Делчев и Петров го сметале С. Михајловски за „помало зло” не согледувајќи го фактот дека во Комитетот станува доминантно офицерското крило блиско до генералот Иван Цончев. Тоа за што му се спротивставиле на Сарафов, Делчев и Петров им го дозволиле на двоецот Цончев Михајловски. Дури задграничните претставници на ТМОРО потпишале и договор со ВМК според кој направиле многу отстапки за сметка на Комитетот. Како членови на ЗП, Г. Делчев и Г. Петров сметале дека со т.н. Мајски договор од 1901 година се постигнале хармонични односи помеѓу ТМОРО и ВМК за заедничка револуционерна дејност, при што направиле превид и не ја осуетиле главната цел на Комитетот – преземањето на Организацијата и доминацијата во револуционерната борба во Македонија. Во поглед на влијанието на ТМОРО во ВМК, Г. Делчев сметал дека доволно ќе биде присуството на двајцата негови пријатели во раководството на Комитетот: Владимир Димитров и Иван Кепов. Таквата процена на Делчев се покажала како погрешна и имала далекосежни последици по TMOPO.

Во периодот од 29 јули до 5 август 1901 година бил закажан редовен конгрес на ВМК и тоа некако се совпаѓало со ослободувањето на Борис Сарафов од затвор. Со своја кандидатска листа пред конгресот се јавил И. Цончев, кој долго ја чекал можноста за целосно преземање на Комитетот. Кандидатска листа до делегатите на конгресот поднел и Б. Сарафов, иако во отсуство, од разбирливи пред се безбедносни причини поради неговото скорешно ослободување од затвор. На конгресот победила листата на генералот Цончев, со поддршка на пријателите на Гоце Делчев, кој сметал дека „Цончев е опасен, но поголема опасност гледаа во Сарафов.
И покрај отсуството на Б. Сарафов, делегатите на конгресот со овации го поздравиле неговото претходно ослободување од затвор, што ја покажувало неговата голема популарност. На конгресот доминирале меѓусебните обвинувања на приврзаниците на Сарафов и приврзаниците на Цончев за „злоупотреби” и „царедворство”. Како пресудно за изборот на листата на Цончев на конгресот биле критиките од симпатизерите на ТМОРО поради отстапувањето од целите на организацијата во Бугарија и свртувањето кон терористички методи кои го компромитирале ослободителното дело. Додека неговите пријатели и соборци го поздравувале Сарафов, дел од неговите противници барале одговорност од него поради наводни злоупотреби на финансиски средства од касата на Комитетот. Од еден дел на делегатите на конгресот Б. Сарафов уште бил обвинет за присвојување комитетски пари, недостиг на отчетност и разни злоупотреби на претседателската позиција. Во острата дискусија што се водела Христо Саракинов го обвинил Сарафов и поранешниот благајник Георги Петров за злоупотреба на 100.000 лева комитетски пари. Ова тешко обвинение на Саракинов не било поткрепено со соодветни докази….”

И додека траеле расправиите на конгресот на претписледниот ден бил ослободен Б.Сарафов и дошол на самиот конгрес, каде активно се вклучил во дебатите.

“…Но, посочените обвинувања кон Сарафов и кампањата против него на овој конгрес, ги постигнале своите цели. Поголемиот дел од делегатите ги заборавиле старите заслуги на Сарафов и консолидацијата на Комитетот со неговиот избор за претседател. Обвинувањата на неговите противници ги прифатиле мнозинството делегати. Ваквите тврдења доаѓаат од противниците на Б. Сарафов и сосема нормално е тие да бидат со одредена тенденција на негова дискредитација, што била поттикнувана и од групата околу двоецот Цончев – Михајловски. Но и покрај тоа, факт е дека постоела недокажана сенка на сомнение кон Б. Сарафов за неговиот претседателски мандат во ВМК.

Како и да е, на конгресот победила линијата блиска до официјалната бугарска политика и влада. Сарафов бил елиминиран од раководството на Комитетот, додека Цончев формално се обидел да го скрие своето влијание со фактот што бил избран за потпретседател на ВМК. Стојан Михајловски и понатаму останал на функцијата претседател на ВМК, иако вистинската моќ во Комитетот преминала во рацете на генералот Иван Цончев. Во составот на раководството на ВМК биле избрани: Стојан Михајловски, претседател, Иван Цончев, потпретседател, капетан Иван Стојчев, секретар, Георги Белев, касиер, потполковник Стефан Николов и поручник Антон Бозуков, членови-советници.

Со доаѓањето на чело на ВМК на двоецот Михајловски Цончев, во Комитетот се зачленувале луѓе блиски до нивната политика, додека влијанието на Б. Сарафов се намалувало. ВМК во една ваква поволна позиција за нив се стекнал и со уште две големи придобивки од времето на претседателствувањето на Б. Сарафов: околу 1.000 пушки што Сарафов сакал да му ги отстапи на Делчев и на Организацијата влегле во сопственост на врховистичките чети како и паричните суми во касата на Комитетот внесени со најголема заслуга на Борис Сарафов. Со тоа Комитетот под раководство на Михајловски и Цончев се стекнал со воено- парична моќ пред претстојните борби за надвладување на ТМОРО на теренот во Македонија, што било основна цел на Цончев, а преку него и на бугарската влада и кнезот. Б. Сарафов во тие денови ја напуштил територијата на Бугарија и ce подготвувал за нова фаза во неговата револуционерна дејност. Вратата на ВМК во Софија била затворена за Б. Сарафов. ВМК полека се претворил во орудие на бугарската влада и кнезот за нивните стратегии и планови што ги подготвувале во однос на Македонија.

За кратко време, по само неколку месеци, во раната есен 1901 година, Г. Делчев и Г. Петров ја увиделе својата грешка што ја направиле со процената на И. Цончев. Според Сарафов, Гоце Делчев бил многу разочаран од изборот на Цончев во раководството на Комитетот. На една средба по конгресот на Комитетот, Б. Сарафов ги обвинил и Гоце Делчев и Ѓорче Петров за поразот на неговата листа при изборот на новиот состав на Комитетот. Б. Сарафов за кого Бугарија станала опасно место за живеење и покрај спротивностите и откажувањето на поддршката, повторно решил да им се обрати на Г. Делчев и Ѓ. Петров како на стари негови пријатели. Уште додека бил во затвор во Бугарија, Б.Сарафов побарал писмено да биде примен во ТМОРО, на што Делчев и Петров дале согласност, и Ѓорче Петров ја потврдува информацијата дека Б. Сарафов станал член на Организацијата:

„Уште во участокот кога бев тука, Борис беше испратил писмен предлог со настојчива молба да го примиме во нашите редови без секакви услови. Делчев отишол во затвор при Сарафов и потоа при мене и му се соопшти, оти кога ќе излези од затвор е примен да работи со нас на општа основа, но под услов да не мрда веќе.

Дека Сарафов навистина повторно ги подобрил односите со Гоце Делчев и Ѓ. Петров и за тоа дека влегол во редовите на Организацијата, доказ е писмото на Делчев до М. Герчиков од 14 септември 1901 година во кое го известувал штом стигне во Софија да им соопшти на Ѓ. Петров и Борис Сарафов веднаш да започнат со внесување оружје во Македонија. Уште од самото вклучување во ТМОРО, Б. Сарафов веднаш извршувал акции за пренесување оружје преку пограничните пунктови на Организацијата, задача која можеле да ја извршуваат само доверливи луѓе и оние кои се наоѓале на раководни позиции. Фактички, ваквата активност на Сарафов била под директно раководство на задграничното преставништво во Софија каде што членови биле Делчев и Петров. Со тоа од летото 1901 година Б. Сарафов станал член на Организацијата и останал во нејзините редови и покрај сите перипетии до крајот на својот живот. Поради недостигот на финансиски средства за потребите на ТМОРО, Б. Сарафов им предложил на Г. Делчев и Г. Петров веднаш да замине во странство, на што членовите на ЗП, иако со недоверба поради неговиот карактер, сепак се согласиле. Претходно, Б. Сарафов им предложил на Г. Делчев и Ѓ. Петров, терористички акции за ликвидација на новото раководство на ВМК, но Г. Делчев не се согласил со таквиот начин на дејствување. По ова се поизвесно станувало дека Делчев и Петров ќе го испратат Сарафов на мисии низ Европа. Но, и во врска со ова заминување низ Европа, противниците на Сарафов не седеле со скрстени раце. И неговите противници и непријатели во Комитетот ширеле гласини низ Софија дека Б. Сарафов заминал во Европа и дека „лаже” дека преговара со некоја европска држава која ќе финансирала поголема сума пари за Делото. Дури и со потсмев, неговите противници истакнувале дека едвај некој може во Европа да го прими, а камоли да му допушти финансиски средства. Но, фактичката состојба покажала дека овие кругови, непријателски расположени кон Сарафов, не биле во право. Сарафов не се осврнувал на ваквите гласини и бил упорен во спроведувањето на своите замислени мисии низ Европа, во улога на член на Организацијата. Сарафов ги надминал ваквите шпекулации и малограѓански разговори и се издигнал во неоспорен авторитет на македонското револуционерно движење, неочекувано за неговите противници и непријатели. Во таквиот подем му помогнале и Г. Делчев и Г. Петров кои во извесен степен го поддржувале Сарафов, веројатно сметајќи дека ќе можат да го држат под контрола.

Првата држава која Б. Сарафов ја посетил како член на ТМОРО била Австрија, Сарафов отпатувал во Виена…”